Партија
Статут PDF Печати Е-пошта
Н А Р О Д Н О   Д В И Ж Е Њ Е   З А   М А К Е Д О Н И Ј А


С Т А Т У Т


Скопје 18 мај 2002 година



Врз основа на член 29 од Статутот на Народно движење за Македонија, Статутарната комисија утврди пречистен текст на Статутот на НДМ. 

(Пречистениот текст на Статутот на Народно движење за Македонија ги опфаќа Статутот донесен на основачкото собрание на партијата одржано на 18 мај 2002 година и измените и дополнувањата на Статутот донесени на седница на Централниот Комитет на НДМ од 20 октомври 2002 година и 28 април 2008 година во кои е означено и времето на нивното влегување во сила).



Статут на Народно Движење за Македонија
(пречистен текст)


I. Општи одредби
Член 1
Народното Движење за Македонија е политичка партија (во понатамошниот текст Партија) во која врз основа на уставното право за слободно политичко дејствување и принципот на слободно пристапување и здружување, членуваат граѓаните кои ги прифаќаат програмските цели и задачи на Партијата во рамките на уставните и законските определби на Република Македонија.
Член 2
Името на Партијата е : Народно Движење за Македонија.
Скратеното име на Партијата е: НДМ.
Народното Движење за Македонија е партија со граѓанска политичка ориентација втемелена врз традиционалните и актуелните стремежи и интереси на народот, како и патриотизмот на сите нејзини граѓани кон заедничката татковина Република Македонија.


Член 3
Партијата има својство на правно лице. 
Седиштето на партијата е во Скопје на ул. "Даме Груев" бр.10
Одлука за промена на седиште на Партијата донесува Извршниот Комитет на Партијата.


Член 4
Партијата има свој печат и штембил.
Партискиот печат е во форма на круг во кој е испишано името на партијата и местото на седиштето, а во средината е поставен партискиот заштитен знак.
Штембилот на партијата е во правоаголна форма и во него е испишано името на партијата, просторот за број и датум, во долниот дел пишува Скопје, а во левиот горен агол поставен е партискиот заштитен знак.
Член 5
Партијата има заштитен знак, знаме, химна и партиска легитимација.
Партискиот заштитен знак е двеопашеста петокрака ѕвезда во чија раширена средина се наоѓаат 2 крила.  
Партиското знаме е во правоаголна форма со димензии со однос 2:1 со златно жолта боја на кое е стилизиран партискиот заштитен знак на партијата.
Химната ја утврдува Централниот Комитет на партијата.
Партиската легитимација го содржи името и заштитниот знак на партијата и служи како документ за докажување на припадност на Партијата.


Член 6
Работата на партијата е јавна.
Партијата ја информира јавноста за својата работа преку средствата за јавно информирање, сопствените гласила и на друг начин во согласност со Законот.

II. Цели и задачи
Член 7
Основни цели и задачи на НДМ се: 
- целосно остварување и реафирмација на државната, политичката и економската сувереност на македонската држава;
- развој на демократските процеси базирани врз уставните начела за слободите и правата на граѓаните, како и етичките и хуманистичките вредности на македонското општество;
- остварување на уставната определба за изградба на Република Македонија како социјална држава, и етаблирање на одговорна, флексибилна и компетентна власт, пазарно стопанство, соодветен даночен систем и современо образование;
- слобода на говорот и печатот, спротивставување на секаков вид политичко туторство врз новинарството, цензурата и интервенционизмот во новинарските прилози;
- економски развој и просперитет на македонската држава;
- меѓународна афирмација на Република Македонија како активен субјект во меѓународните односи, како и градење на стабилна и мирољубива политика со соседните држави;
- целосно почитување на духовните, традиционалните, културните и други вредности на македонскиот народ, и на деловите на други народи кои живеат во Република Македонија, како и грижа за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија;
- вклучување на Република Македонија во европските интеграции како рамноправен и респектиран субјект во меѓународните односи.


III. Членување во Партијата
Член 8
Членувањето во партијата е слободно и доброволно.
Член на партијата може да биде секој полнолетен граѓанин кој е државјанин на Република Македонија, без оглед на неговото етничко потекло, верска определба, пол, социјален статус, кој живее или работи во или надвор од Македонија, а кој ќе даде изјава (пристапница) за членство, и ги прифаќа Статутот и Програмата на партијата.
Партијата може да има и почесни членови.
Член 9
Начинот на зачленувањето, правата и обврските на членовите, како и статусот на почесните членови, поблиску се уредува со посебен акт што го донесува Централниот Комитет на партијата.

Член 10
Права, обврски и одговорности на членовите се:
-да учествува во работата на партијата;
-да избира и да биде избран во органите на партијата;
-да биде кандидиран за носител на јавна функција во државната и локалната администрација;
-да биде информиран за активностите и дејствувањето на партијата;
-да дава предлози за поуспешна работа на партијата;
-активно да се ангажира во афирмацијата на програмските определби на партијата и зголемување на бројот на членовите и симпатизерите на партијата;
-да се грижи за заштита на угледот, честа и достоинството на партијата;

Член 11
Членот сноси политичка одговорност во случај кога неговата активност е спротивна на овој Статут, програмските определби, целите и задачите на партијата.
Членот не може да сноси политичка одговорност за изразено поинакво мислење од мнозинството во расправата на органите и телата на партијата.
Начинот и постапката на утврдување на одговорност се регулира со посебен акт што го донесува Централниот Комитет на партијата.

Член 12
Членувањето во партијата престанува со:
- изјава за доброволно истапување од членството;
- настапување на смрт; и
- исклучување заради дејствување спротивно на Статутот, програмските документи и другите акти на партијата.


IV. Органи на Партијата
Член 13
Органи на Партијата се:
а) Конгрес на Партијата;
b) Централниот Комитет;
в) Претседател на Партијата
g) Извршниот Комитет;
d) Секретаријат;
ѓ) Годишно собрание;
е) Статутарна комисија;
ж) Надзорна комисија за материјално-финансиско работење;
з) Суд на честа;


a) Конгрес на Партијата:
Член 14
Конгресот е највисок орган на Партијата.
Конгресот може да биде редовен или вонреден.
Редовниот конгрес се одржува на секои четири години. Одлука за свикување на Редовниот конгрес донесува Централниот Комитет најмалку три месеци пред неговото одржување.
Конгресот го свикува Претседателот со покана доставена до делегатите најдоцна 15 дена пред одржување на седницата.
Конгресот го отвора и со него раководи Претседателот на партијата.
Конгресот го сочинуваат најмалку 100 делегати избрани според критериумите што ќе ги определи Централниот Комитет.
Конгресот може да работи доколку се присутни најмалку две третини од избраните делегати.
Конгресот одлучува со мнозинство на гласови од вкупно присутните делегати.
Барање за одржување на вонреден конгрес можат да поднесат една третина од членовите на Централниот Комитет, во кое ќе се наведат причините за свикување на вонреден конгрес. Претседателот на партијата е должен во рок од десет денови да свика седница на Централниот Комитет која ќе се одржи најдоцна дваесет денови од поднесувањето на барањето. Одлуката за свикување на вонреден конгрес се смета за донесена доколку за неа се изјаснат една половина од вкупниот број членови на Централниот Комитет.
По донесувањето на одлуката, вонредниот конгрес се одржува во рок од 60 денови

Член 15
Конгресот:
- донесува деловник за работа;
- избира комисија за верификација на мандатот на делегатите на Конгресот и ги верифицира нивните мандати;
- донесува и менува Статут;
- донесува Програма и програмски документи;
- го разгледува и усвојува извештајот за работата на партијата меѓу два конгреса;
- го разгледува и усвојува извештајот за материјално-финансиското работење на партијата;
- избира Претседател на партијата;
- избира Суд на честа;
- избира надзорна комисија;
- избира статутарна комисија;
- избира други комисии и тела;
- донесува одлуки и други акти.


б) Централен Комитет
Член 16
Централниот Комитет е највисок орган на партијата меѓу два конгреса.
Мандатот на Централниот Комитет трае 4 години.
Членови на Централниот Комитет се:
- претседателите на општинските организации на партијата;
- избрани делегати на младинската организација на партијата;
- претседателот на асоцијацијата на жените на НДМ;
- избраните пратеници во Собранието на РМ;
- координатор на Советот на градоначалници на НДМ;
- избрани делегати од општинските организации на партијата;
- по еден претставник од асоцијациите на партијата за Европа, Америка, Канада и Австралија. 

Поблиските критериуми и принципи за избор на општинските делегати ќе се уредат со посебен акт, што го донесува Централниот Комитет.

Член 17
Централниот Комитет
- утврдува предлог програма и Статут;
- избира и разрешува Генерален секретар и членови на секретаријатот на партијата;
- се грижи за реализирање на задачите утврдени на Конгресот;
- ги разгледува и усвојува извештаите за работата на извршниот комитет секретаријатот и другите тела што ги формира партијата;
- избира и разрешува членови на извршниот комитет; - - дава иницијативи за разгледување на одредени прашања на Конгресот;
- одлучува за соработка со други политички партии и други организации;
- утврдува кандидати за избор на пратеници, градоначалници и други јавни функции;
- го разгледува финанското работење на партијата;
- донесува деловник за својата работа;
- донесува деловници за работа на извршниот комитет, секретаријатот, годишното Собрание како и за работата на местните организации;
- донесува правилник за утврдување одговорност на членовите на партијата; 
- утврдува термин за одржување на годишно Собрание;
- формира комисии и други работни тела;
- донесува одлуки и други акти од својата надлежност;
- врши други работи во согласност со Статутот и Програмата на партијата.
Член 18
Во периодот меѓу два Конгреси на партијата кога тоа го налагаат оправдани и итни причини, Централниот Комитет може да ја преземе улогата на Конгресот во однос на измена и дополнување на Статутот на партијата и избор и разрешување на Претседател на партијата, при што овие одлуки задолжително треба да бидат потврдени на првиот нареден Конгрес на партијата.

Член 19
Централниот Комитет работи на седници.
Седниците на Централниот Комитет ги свикува претседателот на партијата.
Седниците се одржуваат по потреба, но најмалку еднаш на три месеци.
Поканата за седница се испраќа на сите членови на Централниот Комитет по правило 7 дена пред денот на одржувањето на седницата.


в) Претседател на партијата
Член 20
Претседателот на партијата е политичко извршен орган кој го избира конгресот со тајно гласање, освен по исклучок предвиден во член 18 од овој Стаут.
Мандатот на претседателот на партијата трае 4 години.
Кандидат за претседател можат да предложат најмалку 20 делегати на конгресот.
За претседател на партијата е избран кандидат кој добил мнозинство гласови од вкупниот број делегати.
Ако во првиот круг ниту еден од кандидатите за претседател не го добил потребното мнозинство гласови, во вториот круг се гласа за двајцата кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови.
На повторното гласање за претседател на партијата е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од делегатите кои гласале, доколку гласале повеќе од половината делегати.
Доколку и во вториот круг на гласањето ниту еден од кандидатите не го добил потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка.
Ако за претседател на партијата е предложен еден кандидат, а во првиот круг на гласање не го добил потребното мнозинство, се повторува целата изборна постапка.
Начинот на кандидирање и постапка за избор се уредува со деловникот за работа на Конгресот.

Член 21
Претседателот на партијата е истовремено и претседател на Централниот и на извршниот комитет.

Член 22
Претседателот:
- ја претставува и застапува партијата;
- претседава на седниците на Централниот Комитет, Извршниот Комитет и Годишното собрание;
- донесува политички и други одлуки во име на партијата;
- се грижи за спроведување на Програмата, Статутот и другите акти на партијата;
- активно учествува во креирањето на политиката на партијата;
- склучува договори и потпишува акти и други документи согласно Програмата и Статутот на НДМ;
- предлага избор и разрешување на потпретседатели и генерален секретар на партијата;
- предлага избор и разрешување на членови на извршниот комитет;
- меѓу два конгреси му предлага на Централниот Комитет избор и разрешување на членови на Статутарната комисија и Надзорната комисија;
- утврдува термин за одржување на Годишно собрание;
- може да запре извршување на одлуки и други акти на извршниот комитет и на другите акти и тела на партијата и за тоа го известува Централниот комитет; и
- за својата работа поднесува извештај пред Централниот Комитет еднаш годишно.

г) Потпретседатели на партијата  
Член 23
На предлог на претседателот на партијата, Централниот Комитет избира и разрешува потпретседатели со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Централниот Комитет.
Мандатот на потпретседателите трае четири години.
Изборот и разрешувањето на потпретседателите се врши со јавно гласање.
Потпретседателите по функција се членови на извршниот комитет.


д) Извршен комитет
Член 24
Извршниот комитет е политичко извршен орган на Централниот Комитет чиј број се утврдува со одлука за негов избор.
Извршниот комитет делува врз основа на политичките насоки, заклучоци и задачи на претседателот на партијата и Централниот Комитет.
Со работата на извршниот комитет координираат претседателот и потпретседателите на Партијата.
Извршниот комитет работи на седници.
Седниците ги свикува и со нив раководи и преседава претседателот на партијата.
Извршниот комитет за својата работа одговара пред претседателот на партијата и пред Централниот Комитет.
Извршниот комитет:
- донесува деловник за работа;
- донесува одлука за основање на општински организации, унии и ассоцијации;
- го разгледува финансиското работење на партијата и донесува финансиски план и годишна сметка;
- донесува правилник за одговорност на членовите на партијата;
- основа дисциплинска комисија која одлучува во втор степен;
- основа и други комисии и тела; и
- донесува одлуки, заклучоци и други акти.
Член 25
На предлог на Извршниот комитет, Централниот комитет ги избира членовите на ресорните комисии и помошни тела на извршниот комитет со јавно гласање од вкупниот број членови на Централниот Комитет. Секој член на извршниот комитет раководи со по една комисија.
Бројот и составот на комисиите на извршниот комитет се определуваат со деловникот за работа на извршниот комитет.

ѓ) Секретаријат
Член 26
Секретаријатот на партијата како оперативно извршен орган:
- го организира и следи извршувањето на оперативно-политичките ставови, одлуки и заклучоци на партијата;
- ја организира и следи работата на местните организации;
- води кадровска евиденција на партијата;
- се грижи за материјално-финансиското работење на партијата;
- се грижи за архивата на партијата;
- организира подготовка на Конгресот на партијата;
- врши и други работи во согласност со Статутот и другите акти на партијата.

Член 27
Генералниот секретар учествува во работата на Централниот Комитет и извршниот комитет на партијата.
Генералниот секретар го претставува, потпишува и раководи со работата на Секретаријатот на партијата.
Мандатот на Генералниот секретар трае 4 години.

е) Годишно Собрание
Член 28
Партијата секоја година одржува годишно собрание на кое расправа за политиката на партијата и донесува план за понатамошна работа.
На годишното собрание учествуваат: Претседателот на партијата, членовите на извршниот комитет и на централниот комитет, делегати на унии и асоцијации, пратеници, министри и други функционери избрани од редовите на НДМ.

ж) Статутарна комисија
Член 29
Статутарната комисија се избира на Конгресот на партијата.
Статутарната комисија го изработува Статутот и врши толкување на истиот.
Статутарната комисија се состои од Претседател и 4 членови.
Мандатот на членовите на статутарната комисија трае 4 години.
Статутарната комисија донесува деловник за работа.

з) Надзорна комисија за материјално и финансиско работење на партијата
Член 30
Надзорот на материјалното-финансиското работење го врши надзорна комисија на партијата.
Надзорната комисија на партијата е составена од Претседател и 4 членови кои ги избира Конгресот со мандат од 4 години.
Член на надзорната комисија не може да биде член на Централниот комитет, озвршниот комитет или на нивните тела.
з) Суд на Честа
Член 31
Судот на честа е составен од Претседател и 4 членови избрани од конгресот на партијата со мандат од 4 години.
Судот на честа решава во втор степен по жалба на одлуки за дисциплинска одговорност и за престанок на членството со исклучување.

Кадровска комисија
Член 32
Кадровската комисија на партијата води евиденција на кадрите за сите области од јавниот живот, предлага кадровски решенија за соодветните органи во партијата како и за носители на партиски и државни функции, и врши други работи од доменот на кадровската политика.
Кадровската комисија е составена од Претседател и 4 членови кои ги избира Централниот комитет со мандат од 4 години.
Член на кадровската комисија не може да биде член на Централниот комитет, извршниот комитет или на нивните тела.


V. Советодавни тела

a) Совет на експерти
Член 33
Партијата формира Совет на експерти.
Советот на експерти го сочинуваат истакнати личности од јавниот политичкиот културниот и општествениот живот на Републиката.
Советот на експерти за потребите на партијата подготвува анализи, проекти и програми и активно учествува во креирањети на политиката на партијата.
Членовите на Советот не мора да бидат членови на партијата.

б) Совет на претприемачи
Член 34
Партијата формира совет на претприемачи.
Советот на претприемачи го сочинуваат истакнати стопанственици, бизнисмени и други докажани стручњаци од стопанскиот живот на земјата.
Советот на претприемачи ги разгледува економските и стопанските движења во земјата, изготвува анализи врз основа на кои дава соодветни предлози и решенија за превземање на соодветни мерки за подобрување на стопанството.
Членовите на Советот не мора да бидат членови на партијата.

VI. Територијална организација
Член 35
НДМ е организирана на територијален принцип преку местни организации како организациони форми на делување и тоа:
- местна организација;
- општинска организација;
- регионални координативни совети .
Член 36
На подрачјето на месната заедница, членовите на партијата формираат местна организација од 7 членови од кој избираат претседател, секретар и благајник.
Мандатот на членовите трае 4 години.
Местната организација одлучува со просто мнозинство на гласовите од сите членови.
Изборот и формирањето на местната организација го верифицира општинскиот комитет со посебна одлука.
Член 37
Општинска организација се формира на подрачјето на сите општини во Републиката, утврдени со посебна одлука на Централниот комитет.
Член 38
Општинската организација од своете редови избира Претседател, општински комитет од 7 членови и секретар по пат на јавно гласење и со мнозинство гласови од вкупниот број членови на општинската организација.
Претседателот на општинската организација по функција е член на Централниот комитет.
Член 39
Регионалните координативни совети се формираат за време на изборните активности, со пропорционална застапеност на сите општински организации заради координирање и синхронизирање на активностите во соодветниот регион, согласно изборниот модел на избор на пратеници во Собранието на РМ.
Нивната активност ја координира Извршниот комитет или изборниот штаб на партијата.

VII. Младинска организација
Член 40
Партијата има свој подмладок организиран како младинска организација на партијата.
Младинската организација делува врз основа на политичките насоки определени со програмата и Статутот на партијата.
Младинската организација донесува акти со кои ја уредува својата внатрешна организациона поставеност и начин на делување.
За својата работа Младинската организација одговара пред Централниот комитет. Претседателот на Младинската организација по функција е член на Централниот комитет, и член на извршниот комитет на партијата.

VIII. Асоцијација на жените
Член 41
Заради поуспешно дејствување и поголема вклученост на жената во јавниот и политичкиот живот, во рамките на партијата се формира асоцијација на жените.
Начинот на формирање на асоцијацијата ја утврдува Централниот комитет со посебна одлука.
Претседателот на асоцијацијата на жените по функција е член на Централниот комитет, и член на Извршниот комитет на партијата.
IX. Финансирање на партијата
Член 42
Финансирањето на партијата се врши од членарина, прилози, кредити, подароци, донации, легати и дотации од буџетот на РМ.
За време на одржување на изборите средствата од поединечните подароци, прилози и донации од правни и физички лица според износите предвидени со Закон се издвојуваат на посебна сметка за изборен фонд.
Член 43
Изворите на приходите на партијата се јавни.
Изворите на финансиските средства и нивните расходи се утврдуваат со буџетот на партијата.
За изворите и расходите на средствата се води книговодствена евиденција.
Надзорот над финансиското работење на партијата го врши надзорната комисија.
Член 44
Овластени лица за потписници на жиро-сметка на Партијата се Претседателот и Генералниот Секретар.


X. Престанок на партијата
Член 45
Партијата престанува со работа:
- кога бројот на членовите ќе се намали под законски определениот број за нејзино основање;
- кога ќе настапи законски основ за престанок на работата на партијата утврден од надлежен суд, односно од Уставниот суд на РМ; и
- кога Конгресот на партијата ќе донесе одлука за нејзин престанок.
Член 46
Во случај на престанок на партијата, нејзиниот имот преминува во сопственост на Домот за деца без родители.

XI. Преодни и завршни одредби
Член 47
Прашањата што не се уредени со овој Статут, Централниот комитет ќе ги регулира со посебни акти и одлуки, во согласност со Уставот, Законите и овој Статут.
Член 48
Органите на партијата ќе ги донесат актите утврдени со овој Статут во рок од 3 месеци од денот на неговото влегување во сила.
Член 49
Иницијативи за измени и дополнување на Статутот во писмена форма може да поднесат сите органи во партијата.
Член 50
Овој статут влегува во сила со денот на неговото донесување.


Претседател на НДМ
Јанко Бачев
 
Copyright © 2017. www.ndm.org.mk. Designed by Shape5.com