Партија
За Партијата PDF Печати Е-пошта

Постоењето и опстојувањето на Народно движење за Македонија како политичка партија со национална ориентација втемелена врз патриотизмот на сите нејзини граѓани кон заедничката татковина Република Македонија е директен одраз на потребата од сочувување, негување и развивање на историските вредности на македонскиот народ градени близу три милениуми, односно од околу седмиот век пред нашата ера, како и илинденските традиции од 1903 година и асномските одлуки од 2 и 3 август 1944 година.

НДМ е автохтон и автономен политички субјект по своето настанување, по својата структура и по својата политичка филозофија што не прави сосема различни, поинакви од сите останати партии во државата. Нашата партија не настана со делење, отцепување, приклонување или спојување со некоја од постоечките партии, а уште помалку како последица од кариеристичките амбиции на нејзините основачи. Напротив! Откако пред нас како на дланка, се распосла тажната слика на Македонија по Tатковинската војна со албанските терористи во 2001 година, НДМ се појави со цел да го организира, подготви и поведе македонскиот народ кон редефинирање на државната организација врз основите на Манифестот на АСНОМ од 1944 година и Уставот на Република Македонија од 1991 година.

Борбата за опстанок и самостојноста на Македонија продолжи и по периодот на стекнувањето на независноста во 1991 година. По основањето на 18 мај 2002 година новосоздадената партија Народно движење за Македонија е единствената политичка сила која отворено се залага за утврдување на интегритетот на македонската нација во нејзините етнички граници врз принципот на правото на самоопределување, конституирање на Македонија врз концептот „држава-нација„ односно како национална држава на македонскиот народ, со унитарен карактер, со мнозинско одлучување и со гарантирана положба и правото на целосна слобода и рамноправност на сите национални малцинства што живеат во неа како и неменување на националното македонско име како битна конституиента на македонската национална свест и македонската нација.

НДМ секогаш беше на првата линија во борбата за одбрана на македонските национални интереси. Под закрила на оваа идеја, беше промовиран срамниот прием на Република Македонија во Обединетите нации, целосно беше расветлена злоупотребата на тајната полиција во демократска Македонија, констатно беше афирмирана политичката ориентација за членство на Македонија во НАТО и ЕУ, но врз рамноправни основи, а не по цена на промена на името, беше поднесена во Собранието на Република Македонија Стратегија за одбрана на уставното име, беше поднесена до Државното обвинителство кривична пријава за фалсификување на пописот во 2002 година со кој македонските Албанци во државата бројат 25,14 отсто иако аргументирано докажуваме дека се околу 17 отсто, беше поднесен до МАНУ Меморандум за Македонската енциклопедија која во суштина е антимакедонска, беа поднесени до Собранието неколку законски проекти од економската сфера и развој на Македонија...

Денес, Македонија е небезбедна земја, земја на сиромаштија и беда со 1800 долари национален доход по глава на жител, со само 400.000 вработени од кои половината со месеци не примиле плата, со исто толкав број на невработени, со над 80 илјади семејства кои примаат социјална помош, со разорен економски ситем, со затворени и ограбени фабрики, со ограбени земјоделци, без јасна и конзистентна долгорочна економска стратегија за развој, со криминална приватизација и општ грабеж на националниот имот што го создаваа 50 години сите работни луѓе во социјализмот, со прескапо и неорганизирано здравство, со скап и нефункционален образовен систем кој е инкомпатибилен со потребите на стопанскиот и општествениот живот во земјата, со целосна компромитација на хуманистичката, економската и моралната димензија на социјалната политика, со живеење во држава во која народот е во длабока духовна и морална криза, во агонија и очај што ги блокира неговите творечки способности, хуманистички визии и верба во иднината, со длабоко политичко не единство за стратешките национални и државни интереси, со поразена идеја за национална и унитарна држава... Со еден збор Македонија е поразена, посрамена и со нарушено достоинство. Ги гледаме овие темни слики на Татковината, болно ги доживуваме и неможеме да се помириме со нив. Зошто...

- Имаме прекрасна земја со огромни природни, културни, економски и човечки потенцијали!

- Имаме прекрасен библиски народ кој ја задолжил светската цивилизација со својата историја, култура, хуманистички вредности и визии!

- Имаме способни луѓе на кои сме восхитени и во исто време несреќни од фактот што и во вакви тешки економски состојби опстојуваат и живеат со мизерна плата и пензија!

- Имаме бројни пријатели во светот бидејќи Македонија и Македонците се присутни насекаде во светот, на сите континенти, во речиси сите држави каде создаваат трајни пријателства во многу држави во светот!

Па тогаш во што е проблемот?

Проблемите не можеме и не смееме да ги бараме на друго место, во другите националности, во меѓународниот фактор, кај соседите или којзнае каде. Не! Тие се овдешни, во нас, во системот во кој живееме, во принципите што ги прифативме и според кои се раководиме во нашето живеење и делување, во властите што ги избиравме, во партиите што ги подржувавме... Сепак, според нашите согледувања во основа се работи за следните дефекти кои ја продуцираат кризата во Македонија:

- Не единството во власта и отсуството на минимум политички консензус за фундаменталните државни и национални интереси!

- Поимањето и аплицирањето на политиката во демократските процеси!

- Нефункционирање на правната држава!

- Непостоење на автентичен и релевантен владејачки политички субјект што ќе ги апсолвира и реализира народните интереси!

Заради тоа, Народно движење за Македонија како партија која е исконски поврзана со традицијата на македонскиот народ и со неговата желба за самостојна суверена и демократска Македонија со целата своја одговорност, интелектуален капацитет и морален кредибилитет своето дејствување ќе го темели на својата програма која е нашата политичка платформа и визија за развој на државата:

1. Изградба и функционирање на Македонија врз следните столбови: сопствена памет, сопствена храна, сопствена одбрана, економски просперитет, демографска рамнотежа, меѓуетничка хармонија и политичка стабилност.

2. Република Македонија национална држава на македонскиот народ со гарантирана положба на националните малцинства што живеат во неа.

3. Безбедноста е од витално значење за државата, кој има рефлексија врз сите сфери од животот и затоа политиката во овој правец има за цел да ги отстрани сите слабости во функционирањето на безбедносно-одбранбениот систем, кои особено дојдоа до израз за време на војната во 2001 година, а кои се повеќе од евидентни, изразени и преку силна недоверба на граѓаните во овие институции и зголемено чувство на несигурност и небезбедност

4. Целосна ревизија на македонската криминална приватизација со која е извршено економско злостроство и диверзија врз сопствениот народ.

5. Данок за богатите.

6. Стабилна економија која овозможува континуиран економски раст и развој на стопанството, како основа за сеопфатен развој и опстанок на државата и народот.

7. Современа социјална држава што подразбира флексибилна влада, пазарно стопанство, современ даночен систем и современо образование.

8. Добри односи и соработка со сите наши соседи врз принципот на реципроцитет.

9. Реафирмација на суверената и независна позиција на македонската држава во меѓународните односи бидејќи како последица на погрешното водење на надворешната и внатрешната политика на раководните гарнитури, Републиката е доведена во ситуација повторно да се бори за своја рамноправна и суверена позиција во светот, а посебно во Европа и на Балканот, како субјект, а не објект во меѓународната зедница.

10. Членство во НАТО и Европската унија, но не по секоја цена.

11. Организирани мерки на државата за создавање на современо и продуктивно земјоделство со што би се обезбедила егзистенција на голем број семејства, социјален развој и зачувување на животот во руралните средини.

12. Целосна заштита на културно-уметничкото наследство, афирмација на творештвото на македонскиот народ и националностите во земјата и во светски рамки, како и создавање на материјални и други предуслови за развој на слободно и со ништо неограничено културно-уметничко творештво.

13. Обезбедување на здрава животна средина како предуслов за зачувување на здравјето на луѓето и формирање на способна, здрава и творечка нација, бидејќи ништо не е и не може да биде поскапо од здравјето на луѓето.

Имаме милиони причини, историски и наметнати, политички и економски, реални и ирационални за делби и поделби на македонското национално ткиво. Една, единствена мисла е заедничка за сите нас – ЉУБОВТА КОН МАКЕДОНИЈА! Кога тоа ќе го разбереме, ги отвораме вратите за решавање на сите сегашни проблеми и отвораме простор за иднината на нашите деца, на нашето семејство, на нашата единствена татковина МАКЕДОНИЈА!

Ве повикуваме заеднички да го најдеме излезот од тунелот во кој со години се наоѓаме. Мудроста е кај Вас. Нашата улога како Народно движење за Македонија е да ги слушнеме, проучиме, обмислиме и се обидеме да ги реализираме вашите идеи и предлози.

НИЕ ЌЕ СЕ БОРИМЕ, ОД ВАС И ОД ВАШАТА ВОЛЈА ЗАВИСИ ДАЛИ ВО ТОА ЌЕ УСПЕЕМЕ!

ЗА НАРОДОТ, ЗА МАКЕДОНИЈА!

 
Copyright © 2017. www.ndm.org.mk. Designed by Shape5.com