Битката за Арачиново PDF Печати Е-пошта

Колумна, МКД, Поглед, Битолски весник, 26 јуни 2017, понеделник, проф. д-р Јанко Бачев

Помина 22-ви јуни во уште едно потсетување, дека пред шеснаесет години во 4,30 часот започна битката за Арачиново во која загинаа тројца припадници на македонските полициски сили.

Македонската јавност сеуште се замајува со некаква верзија за настанот, според која, се се сведува на тоа дека тројцата припадници на МВР се убиени од албанските терористи при акцијата за ослободување на Арачиново, кое, претходно на 9 јуни 2001 година тогашната ОНА го прогласи за слободна територија. И - толку!

Сепак, работите не стојат баш така.

Затоа, во оваа прилика сакам да споделам еден момент околу трагедијата со тројцата припадници на МВР, бидејќи, до денешно време, ниту една владеачка гарнитура не го расветли нивното контроверзно загинување.

Имено, при акцијата за ослободување на Арачиново, тројцата полицајци не загинаа во борба со албанските терористи, туку загинаа од граната на македонската Армија. За време на војната во 2001 година, кога функционира таканаречената широка Влада, припадниците на двете клучни министерства (Министерството за внатрешни работи, раководено од ВМРО-ДПМНЕ, и Министерството за одбрана, раководено од СДСМ) поради некоординираност се однесуваа како две непријателски војски.

Затоа,  идните генерации еден ден ќе бидат згрозени кога читајќи ги книгите од војната ќе видат дека во Арачиново, од некоординираност таму загинаа тројца полицајци од граната на АРМ, која не им ги знаеше координатите на припадниците на МВР, што е трагично.

Со еден збор, невидена бламажа - македонски војници и полицајци се испотепаа самите меѓу себе, бидејќи не си ги знаеја координатите.

Инаку, овој момент надлежните државни органи се уште го кријат, бидејќи, внимавајте, државата ќе требало да плаќа големи отштетни износи доколку се признае нејзината вина, иако се поставува прашањето - дали воопшто има цена по која можат да се обештетат македонските бранители кои загинаа во одбраната на независноста и територијалниот интегритет и суверенитет на државата.

Затоа, владеачката СДСМ како партија со социјалдемократска ориентација и силна верба во правото, правдата и правната држава, има обврска, најпосле, 16 години по погибијата на тројцата полицијаци во Арачиново, да ја сподели со јавноста вистината за нивното загинување.

Односно, генерално, да ја тргне разочарувачката слика во Македонија, во која една ипол деценија ниту еден државен орган не се обиде да направи истрага, за да утврди што точно се случи со сомнителното загинување на македонските бранители кај Карпалак, осуммината мачени и живи палени кај Вејце, осуммината убиени во заседа кај Љуботенски пат, загинувањето на тројцата припадници на МВР при акцијата за ослободувањето на Арачиново...

Трагедијата кај Арачиново, како и погибијата кај Карпалак, Љуботен или Вејце, кои се најперфидно местење на македонските бранители, се само во прилог на моето тврдење во годините дека Македонија ја изгуби војната како резултат на внатрешните предавства и политичките сценарија на домашните политички актери, а не како резултат на неспособноста на македонските безбедносни сили да се справат со терористичката ОНА.

Впрочем, тогашната ОНА на почетокот броеше околу 600 припадници кои се одметнаа во планините за да го рушат уставниот поредок на земјата, а за кои македонската Служба за државна безбедност знаеше практично се – колку се, каде се, зошто се таму, и македонските безбедносни сили можеа да ги решат во секое време. Од јануари до мај 2001-ва, Македонија имаше одврзани раце да се справи со тогашната ОНА, но, македонските политички демагози, залудени единствено од лична промоција и желба за моќ и профит, ја изгубија војната во 2001 година.

Всушност, Македонија во 2001-ва се победи самата себеси, бидејќи од другата страна имаше виртуелен противник во ОНА која не претставуваше реална опасност оти немаше ниту кадар, ниту можности од логистички аспект да води борба со поголем капацитет.

Затоа, токму припадниците на ОНА за Арачиново треба да ја опишат својата голгота во тие денови, во интерес на историјата и дека не беа решени само заради тоа што однапред беше договорено НАТО да влезе во Арачиново и да ги извлече терористите.

За волја на вистината, странците направија пресврт во војната, но, дури во месец јуни после пет месеци од започнувањето на војната кога го измислија Арачиново за да се присили македонската страна на политички преговори, односно да се прекинат воените дејствија и на поинаков начин да се решава кризата, по цена на сите понижувања на македонските безбедносни сили кои храбро го бранеа нејзиниот територијален инегритет.

Заради тоа, треба да се извлече поука - Што не треба да прави Македонија, доколку повторно биде вовлечена во нова  војна?  А, од однесувањето на радикланите Албанците произлегува дека не мислат на ништо друго, освен на методите на повторно војување.

Оттука, прави голема грешка секој оној што мисли дека бројните привилегии што ги добија екс-командантите на терористичката ОНА како високи државни личности, ќе предизвикаат кај нив заборав на старите соништа за реализација на идејата за голема албанска држава, која опфаќа и територии на Република Македонија.

Значи, без оглед на се, пратениците од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, веднаш после годишните одмори, во име на македонскиот народ мора привремено да престанат да се натпреваруваат во докажувањето кој од нив бил поголем предавник и криминалец за време на своето владеење, и, следствено на тоа, да се согласат, односно, како највисок законодавен дом, да донесат политички документ (декларација или заклучоци) со кои ќе побараат расветлување на перфидното местење на македонските бранители во Татковинската војна во 2001 година.

Ова од причина што, да се дојде најпосле до официјален одговор не само за Арачиново туку и како, од кого и зошто беа нарачани и договорени масакрите кај Вејце, Карпалак, Љуботенски пат, во кои бранителите беа испратени во заседа и мораа да загинат.

Во краен случај, расчистувањето на овие случаи е од интерес не само за семејствата и роднините на загинатите, туку и за Република Македонија, бидејќи не можеме да гледаме напред во иднината, доколку минатото и понатаму не прогонува, односно, неправедната загуба на бранителите останува неразјаснета.

  Newer:Постари:
Copyright © 2017. www.ndm.org.mk. Designed by Shape5.com