НДМ поднесе Предлог-закон за амнестија на сите учесници во настаните на 27 април PDF Печати Е-пошта

Изјава, НДМ
д-р Јанко Бачев, претседател на Народно движење за Македонија
Скопје, 22 мај 2017

Народно движење за Македонија, денес (22.05.2017, понеделник) во Собранието поднесе Предлог-закон за амнестија на граѓани учесници во настаните на 27 април 2017 во Собранието на Република Македонија, по скратена постапка.

Во изјава за медиумите претседателот на НДМ д-р Јанко Бачев рече - “Денеска во Собранието поднесовме Предлог-закон за амнестија на граѓани учесници во настаните на 27 април 2017 во Собранието на Република Македонија. Законот опфаќа решенија на поширока основа, покрај домашните граѓани опфаќа и граѓани со законски престој во државата со цел да ги пресретнеме шпекулациите доколу се обистинат дека во настаните учествувале и претставници на одредени дипломатско-конзуларни претставништва. Очекуваме законот да биде прифатен од пратенциите, очекуваме од нив и нивните лидери да покажат државнички капацитет и силно лидерство со кое ќе го израдуваат народот и ќе дојде до надминување на поделеноста меѓу граѓаните и партиите. Доколку повеќе, граѓаните во собранието влегоа со силна верба дека го бранат уставниот поредок, а не да нападнат лица, и било кој да беше на местото на нападнатите ќе се случеше истото, бидејќи, претходно се создаде атмосфера дека е загрозен уставниот поредок. Ова добива на тежина ако се знае дека на своевиден начин е потврдено при давањето на мандатот, бидејќи претседателот Иванов бараше гаранции токму за она за што сега се водат постапки со што и претседателот ја потврди општествената опасност. Со законот се бара целосно ослободување од кривичен погон и запирање на постапките. Сметаме дека условите се созреани во целокупниот политички систем, имаме конституирање на законодавниот дом, доделување на мандатот за состав на Влада и нејзиното очекувано изгласување во Собранието како и несправедливоста и апсурдноста да се гонат лицата кои влегоа во Собранието на 27 април со силна верба во одбраната на уставниот поредок. Со еден збор, очекуваме пратениците да бидат на висината на задачата, посебно апел до пратениците од албанското малцинство, бидејки во 2001 имавме амнестија за многу потешки работи, за лица за напад на уставниот поредок, а сега имаме спротивна ситуација, бараме амнестија на лица кои влегоа со силна верба дека го бранат уставниот поредок. Инаку, законот согласно Деловникот на Собранието е предложен да биде усвоен во скратена постапка - истакна Бачев.

JavaScript is disabled!
To display this content, you need a JavaScript capable browser.

Медиуми:

Макфакс

Канал 5 ТВ

ТВ Алсат-М

Точка

Скај

Актуелно 24

Грид

Вести

Тајм

Во продолжение интегралниот текст на предлог-законот за амнестија


ДО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА*

СКОПЈЕ


Врз основа на членот 71 став 2 од Уставот на Република Македонија и членовите 133 став 1, 137 и 170 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, Народно движење за Македонија ви поднесува Предлог-закон за амнестија на граѓаните учесници во настаните на 27 април 2017 во Собранието на Република Македонија, по скратена постапка, што го утврди на седницата на Извршниот комитет на Народно движење за Македонија, одржана на 20.05.2017 година.

Во контекст на член 133 став 2 и член 137 од Деловникот на Собранието на Република Македонија за обврската Предлогот-законот да се достави до сите пратеници, согласни сме истиот во свое име да го процесуира пратеничка група или независен пратеник.

За претставник на Народно движење за Македонија е определен д-р Јанко Бачев, претседател на Народно движење за Македонија, а за повереници Панче Жежовски и Злате Војновски, членови на Извршниот комитет на Народно движење за Македонија.


ПРЕТСЕДАТЕЛ НА НАРОДНО ДВИЖЕЊЕ ЗА МАКЕДОНИЈА

д-р Јанко Бачев

____________________________________________________________________________

*Народно движење за Македонија не го признава изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието на Република Македонија се до уставната оценка на одлуката за негов избор од страна на Уставниот суд.



ПРЕДЛАГАЧ: Народно движење за Македонија

ПРЕТСТАВНИК: д-р Јанко Бачев претседател на Народно движење за Македонија

ПОВЕРЕНИЦИ: Панче Жежовски член на Извршниот комитет на Народно движење за Македонија и Злате Војновски член на Извршниот комитет на Народно движење за Македонија


П Р Е Д Л О Г - З А К О Н

за амнестија на граѓаните учесници во настаните на 27 април 2017 во Собранието на Република Македонија, по скратена постапка


Скопје, мај 2017 година


ВОВЕД 

I. ОЦЕНА НА СОСТОЈБИТЕ ВО ОБЛАСТА ШТО ТРЕБА ДА СЕ УРЕДИ СО ЗАКОНОТ И ПРИЧИНИТЕ ЗА ДОНЕСУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ

Амнестија како институт со кој на поименично неопределен број лица им се дава ослободување од гонење е позната од најстаро време наваму. Амнестијата како општо прифатен институт во кривично право го предвидуваат сите современи кривични законодавства. По својата природа амнестија е акт на израз на политичка воља на највисокиот орган на државната власт. Кривичниот законик исто предвидува и пропишува дека на лицата кои се опфатени со амнестија може да им се даде ослободување од гонење. Со законот за амнестија се менува положбата на обвинетите лица за настаните на 27 април во Собранието на Република Македонија од причина што се изменети политичките услови на Република Македонија. Имајќи ги во предвид посебно условите во целокупниот политички систем, конституирањето на законодавниот дом, доделувањето на мандатот за состав на Влада на Република Македонија и нејзиното очекувано изгласување во Собранието на Република Македонија како и несправедливоста и апсурдноста да се гонат лицата кои влегоа во Собранието на 27 април со силна верба во одбраната на уставниот поредок на државата. Дали во ваков случај има некоја смисла да се инсистира на кривично гонење што се однесува на таквите дејствија, кога она што беше повод за влез во Собранието е оценето како општествено опасно во контекст на писмените гаранции при доделувањето на мандатот кај претседателот на државата?


II. ЦЕЛИ, НАЧЕЛА И ОСНОВНИ РЕШЕНИЈА

Со овој Закон би биле опфатени сите лица кои учествуваа во настаните на 27 април во Собранието на Република Македонија. Во овој контекст, веднаш по применувањето на овој Закон би биле ослободени од гонење. Со ваквиот чин ќе дојде до своевидно помирување во земјата дотолку повеќе што во историјата на земјата е давана амнестија за лица кои учествувале во напад врз уставниот поредок на земјата, додека пак, сега се бара амнестија за активности на лица во одбраната на територијалниот интегритет и суверенитет на државата откако непромислено политичката криза во која е заглавена земјата од криминалниот се префрли на етничкиот терен со промовирањето на т.н. сеалбанска платформа за редефинирање на уставниот поредок на Република Македонија. 

III. ОЦЕНА НА ФИНАНСИСКИТЕ ПОСЛЕДИЦИ ОД ПРЕДЛОГОТ НА ЗАКОНОТ ВРЗ БУЏЕТОТ И ДРУГИТЕ ЈАВНИ ФИНАНСИСКИ СРЕДСТВА

Одредбите од предлогот на Законот не имплицираат финансиски последици врз Буџетот на Република Македонија и другите јавни финансиски средства.


IV.ПРОЦЕНА НА ФИНАНСИСКИТЕ СРЕДСТВА ПОТРЕБНИ ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ, НАЧИНОТ НА НИВНО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ, ПОДАТОЦИ ЗА ТОА ДАЛИ СПРОВЕДУВАЊЕТО НА ЗАКОНОТ ПОВЛЕКУВА МАТЕРИЈАЛНИ ОБВРСКИ ЗА ОДДЕЛНИ СУБЈЕКТИ

Спроведувањето на законот нема да предизвика одредени фискални импликации.


V . СКРАТЕНА ПОСТАПКА ЗА ДОНЕСУВАЊЕ НА ЗАКОН

Имајќи го предвид фактот дека се исполнети условите од членот 170 алинеја 1 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, односно дека не се работи за сложен и обемен закон, се предлага Предлог-законот за амнестија на граѓаните учесници во настаните на 27 април 2017 во Собранието на Република Македонија да се донесе по скратена постапка.


ПРЕДЛОГ ЗАКОН

ЗА АМНЕСТИЈА НА ГРАЃАНИТЕ Â УЧЕСНИЦИ ВО НАСТАНИТЕ НА 27 АПРИЛ 2017 ВО СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА


Член 1

Со овој закон се ослободуваат од гонење и се запираат кривичните постапки (во натамошниот текст: амнестија), граѓани на Република Македонија, лица со законски престој, како и лица кои имаат имот и семејство во Република Македонија (во натамошниот текст: лица), за кои постои основано сомневање дека подготвиле или сториле кривични дела поврзани со настаните на 27 април 2017 во Собранието на Република, заклучно со денот на влегувањето во сила на овој закон.

Со амнестијата од ставот 1 на овој член:

 - се ослободуваат од гонење за кривично дело според Кривичниот законик на Република Македонија лицата за кои постои основано сомнение дека подготвиле или сториле кривични дела поврзани со настаните на 27 април 2017 во Собранието на Република Македонија и тоа: кривични дела по член 123 став 1 - убиство во обид, член 384 став 1 - учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие и член 385 учество во толпа што ќе изврши кривично дело од Кривичниот законик на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број број 37/96, 80/99,4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 87/2007, 7/2008, 139/2008, 114/2009,51/11, 135/11, 185/11, 42/12, 166/12, 55/13, 82/13, 14/14, 27/14, 28/14, 41/14, 115/14, 132/14,160/14, 199/14 и 226/15);

 - се запираат кривичните постапки за кривични дела според Кривичниот законик на Република Македонија против лицата за кои постои основано сомнение дека подготвиле или сториле кривични дела поврзани со настаните на 27 април 2017 во Собранието на Република Македонија и тоа: кривични дела по член 123 став 1 - убиство во обид, член 384 став 1 - учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие и член 385 учество во толпа што ќе изврши кривично дело од Кривичниот законик на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број број 37/96, 80/99,4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 87/2007, 7/2008, 139/2008, 114/2009,51/11, 135/11, 185/11, 42/12, 166/12, 55/13, 82/13, 14/14, 27/14, 28/14, 41/14, 115/14, 132/14,160/14, 199/14 и 226/15).


Член 2

Ако против лицата од членот 1 на овој закон не е поднесена кривична пријава, истата нема да се поднесе.


Член 3

Постапката за примена на овој закон за лицата од член 1 на овој закон, против кои е во тек кривична постапка, ја поведува по службена должност надлежниот јавен обвинител, односно надлежниот првостепен суд или лицето на кое се однесува амнестијата, односно лице кое во корист на обвинетиот може да изјави жалба.

Решението за амнестија за лицата од ставот 1 на овој член, го донесува надлежниот орган согласно со Законот за кривична постапка, во рок од три дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.


 Член 4

Против решението од член 3 став 2  на овој закон жалба может да поднесат јавниот обвинител, лицата на кои се однесува амнестијата и лицата кои во нивна корист можат да изјават жалба. По жалбата против решението на првостепениот суд одлучува непосредно повисокиот суд.

Јавниот обвинител не може да поднесе жалба против решението со кое лицето е амнестирано.

Жалбата од став 1 на овој член не го задржува правото на извршување на решението.


Член 5

Во постапката за спроведување на овој закон, се применуваат и одредбите на Законот за кривичната постапка, доколку со овој закон поинаку не е определено.


Член 6

Упатство за спроведување на овој закон донесува министерот за правда наредниот ден од денот на влегувањето во сила на овој закон.


Член 7

Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.


Образложување на Предлог-законот за амнестија на граѓаните на Република Македонија учесници во настаните на 27 април 2017 во Собранието на Република Македонија


1. Објаснување на содржината на одредбите на Предлог-Законот

Содржината на законот ја сочинуваат 7 члена. Во првиот член се предлага ослободувањето на лицата од кривично гонење учесници во настаните на 27 април во Собранието на Република Македонија. Во вториот член се уредува прашањето во случај доколку не е поведена постапка против одредени лица. Во третиот и четвртиот член се предлага уредување на  постапката  за амнестија како и постапката по повод жалба на решението за амнестија. Во петтиот член се предлага уредувањето на важењето на Законот за кривичната постапка. Во шесттиот член се предлага уредувањето на прашањето со подзаконскиот акт за спроведувањето на законот. Во седмиот член се предлага уредувањето на прашањето за влегување на законот во правна сила.

2. Меѓусебната поврзаност на решенијата содржани во предложените одредби

Предложените решенија во законот се межусебно поврзани, истите се применливи и прават една правна целина.

3. Последици што ќе произлезат од предложениот закон

Со донесувањето на Закон за амнестија на граѓаните на Република Македонија учесници во настаните на 27 април 2017 во Собранието на Република Македонија ќе бидат опфатени сите лица во настаните од 27 април во Собранието на Република Македонија. Веднаш по примената на законот ќе престане кривичниот прогон против овие лица со што ќе се придонесе за надминување на крајно заострената политичка состојба во земјата која има тенденција да предизвика и безбедносни проблеми. Со усвојување на законот ќе се покаже државнички капацитет и одговорно лидерство и најпосле народот ќе биде израдуван со домашно единство како најсилна брана против секоја идна внатрешна или надворешна закана.

  Newer:Постари:
Copyright © 2017. www.ndm.org.mk. Designed by Shape5.com